Македонија против Словачка – крај на еден турбулентен и разочарувачки циклус

Day 1,420, 10:00 Published in North Macedonia North Macedonia by LiCheNnN

Селекторот Џон Тошак сака да ги заврши квалификациите со победа против Словачка во утрешниот меч (19.45 ч.) на „Филип Втори“, последен од квалификациите за Европското фудбалско првенство 2012, но го загрижуваат неефикасноста на нападот и недисциплината.



- Знам дека денеска е национален празник, кога пукнала првата пушка против фашизмот и почнала борбата за слобода, па можеби овој ден ќе значи и нов почеток за репрезентацијата и играчите ќе се кренат во поход кон подобри резултати. Но проблемот е што кај нас нема кој да пука - иронично ги опиша Тошак проблемите во нападот со кои се соочува нашата најдобра селекција.

Покрај слабата реализација и игра во офанзива што е стара болка на репрезентацијата, според Тошак и дисциплината на играчите претставува сериозен проблем.

- Мора да го решиме проблемот со недисциплината. Македонија е единствената репрезентација во групата со добиени три црвени картони. Другите тимови се без црвен картон. Ние имаме и најмногу жолти картони. Пред секој натпревар сум принуден да правам по три измени во составот поради картони. Така на натпреварот против Андора бевме без Горан Пандев, Мухамед Демири и Николче Новески, а за утрешниот меч сум без суспендираните Горан Попов, Мирко Ивановски и Величе Шумуликоски. Доколку продолжиме вака со картоните, нема на што да се надеваме. На Македонија и е тешко да оствари добар резултат и кога ги има на располагање сите играчи, а камоли вака. Повредите се составен дел од фудбалот и можам да ги прифатам, но кога на секој меч не можете да сметате на три играчи поради суспензија, навистина е тешко - објаснува Тошак.

Искусниот Велшанец сака победнички да го заврши квалификацискиот циклус и покрај тоа што натпреварот е без резултатско значење и е свесен дека тешко е играчите да најдат мотиви против Словачка.

- Тешко е да се мотивираат играчите, но мораме да се кренеме и да одиграме подобро. Отсуството на повеќе искусни играчи ќе биде хендикеп, меѓутоа јас сакам да ги завршам квалификациите со добар резултат, кој ќе биде добра увертира пред новиот циклус, кој ќе значи почеток за мене како селектор на репрезентацијата - заклучува Тошак.

Поради многубројните повреди и суспензии во составот, пред мечот со Словачка првпат во составот на сениорската репрезентација од младата се повикани офанзивниот играч за врска Стефан Спировски (Борац, Србија) и талентираниот голман на Работнички, Столе Димитриевски. Повикани се и неколку играчи што имаат искуство во најдобрата селекција, како Самир Фазли и Стефан Ристовски. Ферхан Хасани и Александар Трајковски отпаднаа од составот поради повреда, исто како и Даниел Георгиевски и Муарем Муарем, додека од претходно повредени се Горан Пандев и Агим Ибраими.
- Ќе се обидам да проверам нови играчи во нападот на наредниот пријателски меч против Албанија во ноември. Во составот ќе биде повикан Илчо Наумоски доколку закрепне од повредата, особено затоа што мечот се игра во неговиот роден град Прилеп, а запознаен сум и со квалитетите на Стевица Ристиќ преку следење снимки од неговите настапи - порача Тошак.
Победа ќе нé однесе на 80-то место, но пораз ќе нé врати во 1995 година?

Македонската фудбалска репрезентација утре, на мечот со Словачка, има можност да се извади за слабите резултати и со победа дури да скокне петнаесетина места на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Но, од друга страна, пораз би значел нов пад, за нови десетина места, со што црвено-жолтите би се нашле послабо од 100-то место, според пресметките на ФИФА.
Словачка и е голем должник на македонската селекција, не само од овие квалификации. Уште печат поразите од претходните два дуела во Скопје, и тоа прво кога со 5-0 ја декласира Македонија во меч на кој не се видовме на теренот, а потоа победи и со 2-0 на средба на која резултатот требаше да биде 6-2 за Македонија, според шансите што ги имаа двата тима. Реванш за тие два пораза сега би значел и самодоверба и голем скок на листата на ФИФА, оти со победа Македонија ќе има 441 бод и ќе може да се надева на напредок до околу 80-то место. Сега Македонија е 94-та.
Реми ќе значи останување горе-долу на истите позиции кај ФИФА, но пораз ќе ги фрли црвено-жолтите на позиции на кои не биле 16 години - полошо од 100-то место, каде што Македонија последен пат беше во септември 1995 година - на 105-то место.
Разочаран од искусните, сé уште рано за младите

Горан Пандев е играч што навистина ми е потребен и неговата повреда е голем хендикеп за тимот. Разочаран сум од неколку искусни играчи, особено на мечот против Ерменија, вели селекторот Џон Тошак во пресрет на дуелот против Словачка.
- Младата репрезентација има перспектива, но сé уште е рано за овие играчи. Очекувам тие можеби да конкурираат за првиот тим дури по една година откога ќе станат поискусни - смета Тошак.
„Ако намерно „пожолтуваат“, сите треба да си одиме дома!“

Селекторот Џон Тошак не верува на тврдењата дека некои од играчите можеби намерно добиваат картони, за да имаат повеќе слободно време, кое ќе го поминат со семејствата.
- Ако тоа е случајот, веднаш можеме да се откажеме, сите го губиме времето со репрезентацијата и јас како селектор и вие како новинари. Во мојата кариера, која трае 45 години, никогаш не сум помислил дека е можно играчите намерно да добиваат картони. Доколку забележам такво нешто, тие играчи веднаш ќе бидат отстранети од репрезентацијата - категоричен е Тошак.