Мекејлеб: Сега другите ќе ја почитуваат Македонија како кошаркарска земја

Day 1,402, 04:23 Published in North Macedonia North Macedonia by LiCheNnN
Моето семејство не е свесно за еуфоријата што владее тука по освојувањето на 4-то место, тоа што се случува тука едноставно не можам да им го објаснам, вели македонскиот репрезентативец со американско потекло



Мекејлеб: Ја вративме вербата кај народот
Мислам дека ова што го направивме на Евробаскетот е многу добро за државата и за народот и дека ја вративме вербата кај народот. Сега преостанатите ќе почнат да ја почитуваат Македонија како кошаркарска земја, ни изјави македонскиот кошаркарски репрезентативец Лестер Бо Мекејлеб неколку минути пред да замине за Сиена (Италија), каде што треба да му се приклучи на неговиот тим Монтепаски.

Мекејлеб е еден од македонските кошаркарски јунаци што му ја вратија вербата во успех на македонскиот народ и заслужено освоија Медал за заслуги за Македонија, кој го добија од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, за освоеното четврто место на Европското првенство во Литванија.

Мекејлеб е роден во Њу Орлеанс (САД), каде што се наоѓа неговото семејство.

- Моите најблиски се добро запознаени со успехот што го остваривме на Евробаскетот. Но тие сепак не се свесни за еуфоријата што владее тука по освојување на четвртото место. Тоа што се случува тука едноставно не можам да им го објаснам - искрено вели Мекејлеб.

Прва екипа за која настапувал надвор од американскиот континент е екипата на Мерсин од истоимениот турски град, за која играше во сезоната 2008/2009. Потоа замина во белградски Партизан (Србија), каде што настапуваше во сезоната 2009/2010, а оттаму замина во италјанската екипа Монтепаски од Сиена, тим за кој играше и македонската кошаркарска легенда Врбица Стефанов.

Токму контактите на Стефанов со челните луѓе на Монтепаски беа пресудни Мекејлеб да стане Македонец и да настапува за македонската репрезентација, како и за доаѓањето на кондицискиот тренер Сандро Беркандино. Тој успеа да ги подготви кошаркарите за натчовечките напори на кои беа изложени во Литванија.

- Увидовме дека репрезентацијата паѓа кондициски во последните минути на натпреварите поради што и ги губевме средбите. Поради тие причини решивме да побараме помош од Беркандино, кого го познавам од времето кога настапував за Монтепаски. Кога Мекејлеб потпиша за Монтепаски и ни се отвори можност да го донесеме да игра за македонската репрезентација, таа можност не смеевме да ја испуштиме. Кошаркарската федерацијата заедно со Владата успеа да најде начин и сили да ги донесе овие две спортски големини, кои се покажаа како големи Македонци на Евробаскетот и во процесот на подготовките за него - ни изјави Стефанов, кој сега е спортски директор на репрезентацијата.

Мекејлеб си замина од Македонија како вистински херој, а македонската јавност со нетрпение ќе ги чека следните негови игри во националниот дрес. Следните натпревари македонските кошаркари ќе ги имаат в година, кога треба да го играат квалификацискиот турнир за Летните олимписки игри во Лондон 2012.