ДА ГИ ПОДДРЖИМЕ НАШИТЕ МАКЕДОНЦИ

Day 1,398, 02:37 Published in North Macedonia North Macedonia by LiCheNnN

Пред македонските кошаркари денеска е историската можност за првпат да се закитат со медал на едно големо натпреварување. Русите се фаворити, но според информациите од Литванија, не се многу заинтересирани за дуелот.
Рускиот селектор Дејвид Блат има проблеми да ги мотивира своите играчи пред денешниот дуел за бронзениот медал против Македонија на Европското првенство во кошарка во Литванија. Русија во петокот загуби во полуфиналето од Франција.

„Веднаш по поразот од Франција им укажав на играчите дека знаевме како да победиме во девет меча по реда, и сега мора да победиме во уште еден. Ни останува уште еден меч, и мораме да се приспобиме и да се бориме за бронзениот медал. Мораме да го надминеме моралниот пад кој ни се случи по неуспехот против Франција“, порача Блат.



Информација, која можеби говори во прилог на шансите на македонските репрезентативци, е фактот што руските репрезентативци во саботата не го одржале планираниот тренинг, туку се дружеле со своите навивачи во Каунас.

Двете репрезентации веќе се сретнаа минатата недела во Виљнус во дуел кој решаваше за победникот во групата во втората фаза од натпреварувањето. Тогаш Русија победи тесно со 63-61 со тројката на Сергеј Моња во последната секунда од мечот.

„Не е лесно да се игра против истиот тим двапати на едно првенство, особено откако ги победивме на оној начин. Но мораме да се обидеме“, вели Блат.

Клучен дуелот на Стојановски и Кириленко

Во македонскиот табор, пак, ентузијазмот во пресрет на натпреварот, се чини, е далеку поголем.

„Сакаме да им вратиме на Русите и тоа на најдобар можен начин, во борбата за бронзениот медал. Нема дел од телото што не ме боли, но тоа нема да биде пречка уште еднаш да се ‘истепам' под кошевите со руските центри. На болката и на лекувањето ќе мислам од понеделник", вели центарот Предраг Самарџиски.

Македонија и Русија досега четирипати играле меѓусебно и Русите имаат стопроцентен учинок. Но освен последната победа во Виљнус, тесно беше и на минатиот евробаскет, кога во меѓусебниот дуел Русите повторно се спасуваа во последните секунди, а Македонија промаши шут за победа.

Интернет-страницата на Евробаскетот во својата анализа во пресрет на мечот предвидува дека клучен дуел на мечот ќе биде оној меѓу Војдан Стојановски и руската НБА-ѕвезда Андреј Кириленко, потсетувајќи притоа дека во првиот дуел Стојановски го запрел Кириленко на мизерни два поени со шут од поле еден од девет.

Од Литванија и веста дека дури тројца македонски кошаркари се најдоа во потесниот избор за идеална петорка на првенството. Перо Антиќ, Владо Илиевски и Лестер Бо Мекејлеб се на

списокот од 12 кошаркари за кои можат да гласаат новинарите кои известуваат од континенталниот кошаркарски собир на Балтикот. Ова е првпат воопшто македонски кошаркар да се најде во можност да биде дел од најдобриот состав на еден шампионат од највисок европски ранг. Најголеми шанси за таков успех има Мекејлеб кој е и втор стрелец на шампионот веднаш зад француската ѕвезда Тони Паркер, со просек од 21,3 поени по меч.

Во големото финале вечерва играат репрезентациите на Шпанија и Франција.