Македонизација: Укинување на логиката ( Колумна на Александар Русјаков )

Day 1,175, 07:04 Published in North Macedonia North Macedonia by iksimkd


Колумната е преземена од веб страната на весникот "Нова Македонија" и во целост припаќа на сопственикот и весникот. Во никој случај не смее да се менува или употребува на друг начин.



Ние можеме да бидеме сé друго освен Македонци и, се разбира, никако да не чепкаме историја, оти тоа е привилегија на сите други.
Вреснаа Брисел и Вашингтон од Галичник до Река, а богами и пошироко. Му рипнаа амбасадори и европратеници на Бранко Црвенковски, да си помисли човек дека е второобвинет во случајот на трговија со органи што ни го обелодени Дик Марти. И сенешто го убедуваат и нам ни објаснуваат дека чинот на напуштање на Собранието му бил недемократски. Онаму горе, демократска Белгија ќе направи една година без власт и парламент, ама тоа да ти било ништо во споредба со катастрофава што ја смисли Бранко, недемократот. Е сега, според сдсмовскиот Вујаклија редактиран од експертите на А1, Груевски е исто така недемократ, што автоматски го прави диктатор. Па така, логиката ни вели, ако и Бранко е недемократ според „меџународната“, тогаш и тој е диктатор. Испаѓа дека ние на избори што и да избереме, добиваме диктатор за владетел. Може ли тогаш, наместо да си оди од земјава, демократот Фуере да остане, па нека ни стане премиер со своја европска влада? Не, баталете, глупава идеја, он ќе ни смени име дур да сте рекле „Ирска и Бретања, трпат исти срања“. Што баксуз народ ќе бевме еј, а излеземе на избори, одма диктатор си избираме.

А тоа диктатурата да ти била многу променлива категорија. Џабе јас учев дека во диктатура се губи глава ако зуцнеш против диктаторот. Еве, според новата логика, во оваа наша диктатура, се паркираш пред Владата и во очи му врескаш на диктаторот дека треба да си оди. Уште тој моли и фаќа врски за да даде интервју кај тебе на вести, ама ти и таму му срочуваш в лице дека е едно недемократско ѓубре. Уште не му даваш да дојде до збор, а он пустиот, како и секој диктатор, сака да си ломоти. Мора да биле многу глупави и млади новинарите Чом, Геро и слични на нив кога во времето на титова Југославија не застанале пред некој од храмовите на машинобраварот, па да вреснат за неговото диктаторско однесување. Или, според нивната логика, кога е едноумие тогаш е демократија, а кога ја имаат можноста да го критикуваат владетелот, тогаш е диктатура. Особено кога тој владетел реши да се занимава со диктаторски и нееверопски работи каква што е историјата.

Затоа што, а овде решиш да се занимаваш со историја, биди сигурен дека логиката брзо ќе ти согори. Кај нас секој втор граѓанин има своја историска вистина. Ако ја анализирам логиката на дел од експертската јавност и групата коментатори на овие колумни, кои не можат да ги поднесат моите ставови, а наркомански упорно ги читаат, тогаш ќе дојдеме до следниве епохални и ептен логични историски заклучоци. Некогаш Македонците биле Хелени. Или Хелените биле Македонци, поим немам, не знам што е пологично да се каже. Едниве живееле во градови-полиси, а другите си имале крал и држава. Меѓу Хелените (не Македонци-Хелени, туку Атињани-Хелени) имало и идиоти како Демостен, кои тврделе дека Македонците се варвари што значи нехелени, ама во тоа време логиката говорела дека таквите идиоти треба да бидат третирани како угледни граѓани, врвни оратори што за казна станувале членови на атинскиот парламент. На крајот дошле Римјаните, а Хелените и Македонците наеднаш исчезнуваат. По некое време Римската Империја се растура и делот од Балканот за кој говориме станува Византија. Сé додека не дошла една неписмена багра наречена Словени, кои биле нецивилизирано племе без култура, оти нема материјални докази за нив и, по некоја чудна логика, ем упаднале среде добро организирана империја, ем асимилирале сé живо и диво тука, ем се измешале со староседелците, ама при тоа не добиле ни капка крв од староседелската. Овие Словени исто биле поделени во племиња, па според името на племето, си ја нарекле територијата, за денес да имаме Хрватска, Србија, Босна, Словенија, Чешка, Русија итн. Само оние што се населиле во Македонија одлучиле да го прифатат за свое името на територијата. Можеби се срамеле од своето оригинално име, којзнае како ги викале таму зад Карпатите. Да не биле Перуанци по богот Перун или Велшани по богот Велеса, кој да знае? И сé ќе беше супер ако отаде Татарија не се затераа едни други племиња што си го ставија името Бугари. И така, племињата што живееја на територијата со античко име Македонија сконтаа дека сите до еден се Бугари. Идентитет сменија, ама име на територија не дадоа. Како Бугари живееја сé до Коминтерната, кога им срочија в лице, онака коминтерновски, дај не бидете глупави, вие не сте Бугари, ами Македонци, ама не како оние Македонци пред вие да дојдете што беа Хелени, туку вие сте нови Македонци, кои сега треба да станете Југословени. Јасна директивата? Јасна, друже команданте, еве сакам да заборавам дека постои нешто што се вика фронт за Беломорска Македонија и ве молам не ме стрелајте како оние илјадници глупаци што сакаа да обединуваат некаква античка територија наречена Македонија, зашто јас се палам на Срем и Трст! Додуша има период кога дел од Бугарите со помош на одредени цивилизациски методи се сетија дека се Срби. Главниот заеб стана кога Југославија се распадна, па територијата со античко име Македонија и народот што живее тука остана со прстот во уста. Ај што Југославија си отиде, ама зошто како товар ни го остави името Македонија? За наша среќа, сепак ни останаа врвни умови што се борат со товарот Македонија, па ни објаснуваат дека сме сé друго, само не Македонци. Вистинска логика, нели? Џабе што баба ми сé уште вели дека прво Србите ги малтретираа да се кажуваат Срби, потоа Бугарите да се кажуваат Бугари, па дури ми објаснува дека еден член на фамилијата бил за Бугарите и добил ќотек до посерување, ама што знае па баба ми, жена од велешко село, наспроти силната експертска јавност? Очигледно, од сé што имавме за наследување, ние го наследивме само ова чудно практикување на логиката, па така кога Фрчковски кај Марина Дојчиновска зборува за Хунзите, тогаш е негово епохално откритие важно за македонската историја, а кога Груевски ќе прими делегација од овие што ги откри Фрчко, тогаш диктаторот нé антиквизира.

А не сме само ние вака оригинални третирачи на логиката. Еве ги овие под нас од колепката на цивилизацијата. Нивната логика е исто така брливо оригинална. Прво беа Хелени, потоа во римско-византискиот период наеднаш ги снема, па кога им го донесоа за крал Отон, таму негде во 18 век, овој во писмата до европските монарси се жали дека полесно ќе ја создаде непостојната инфраструктура, отколку да го убеди племството дека сите се нова нација Грци, за потоа, во 1913-та, да им дадат територија што пред тоа не им припаѓала и, глеј чудна логика, прво го требеа населението, па кога им заржеа Европејците, направија Абецедар за македонското малцинство, па според зборовите на сегашниот солунски градоначалник, во педесеттите години од минатиот век, сосем нормално било Македонците да си бидат Македонци, за наеднаш да се забрани со закон терминот Македонија и на крајот, одеднаш и првпат во историјата, да почнат да тврдат дека Македонците се Хелени или Хелените се Македонци, извинете, не знам веќе ни јас како е правилно.

Очигледно е важно само едно. Ние можеме да бидеме сé друго освен Македонци и, се разбира, никако да не чепкаме историја, оти тоа е привилегија на сите други.

Авторот е уметник

Автор: Александар Русјаков

Според мене ова е едно солидно парче колумна која доколку ја прочитате со интерес може да ви објасни некои работи за кои не сте мислеле и не сте ги гледале на таков начин порано. Коментирајте за тоа што мислите за колумнава.

Знам дека колумнава нема никаква врска со eRepublik но има врска со Македонија и вреди да се прочита.